Краток историјат

Триглав Осигурување АД, Скопје е акционерско друштво регистрирано и со седиште во Република Македонија кое што  врши трговска дејност од областа на неживотното осигурување.

 

Друштвото е иницијално основано во 1968 година како мала единица на ЗОИЛ Југославија и ЗОИЛ Белград, за да веднаш потоа работната единица во Македонија се зголеми и прошири во Филијала со статус на правно лице на новоформираниот  Зоил Дунав Београд.

 

Во 1993 година со осамостојувањето на Македонија како суверена држава, главната филијала ВАРДАР Скопје се регистрира како Мешовито акционерско друштво за осигурување Вардар Скопје. Во 1994 година по влегување  во сила на Законот за осигурување на имоти и лица на Република Македонија со решение бр.09-5278/1, добиено од страна на Министерството за финансии на Република Македонија се изврши нова  регистрација  и трансформација на друштвото во акционерско друштво  со назив  А.Д за осигурување Вардар Скопје.

 

На 15 ноември 2007 година доаѓа до промена на сопственичката структура на А.Д. за осигурување Вардар  Скопје, со блок трансакција на Македонската берза АД Скопје, каде што, Заваровалница Триглав д.д., откупува 70,36% од акционерскиот капитал и станува сопственик на мнозинскиот дел од акциите.

 

Во 2011 година акциите на Заваровалница Тргилав д.д. беа пренесени на Триглав Инт. Холдинска Дружба д.д. Љубљана кога исто така беше зголемено и учеството во акционерскиот капитал од 73,38%.

 

На 20 септември 2011 година настана промена на називот на Друштвото и ребрендирање од А.Д. за осигурување Вардар Скопје во Триглав Осигурување АД, Скопје.

 

На 31 декември 2012 година, квалификуваното учество во Тргилав Осигурување АД, Скопје припаѓа на Триглав Инт. Холдинска Дружба д.д. Љубљана (73,38%). Крајна матична холдинг компанија е Заваровалница Триглав д.д.

 

Друштвото е регистрирано за вршење 17 класи на неживотно осигурување и обезбедува широк спектар на врвни решенија за осигурување, а најзначајни активности на друштвото се осигурување од незгоди, одговорност кон трети лица, осигурување на моторни возила и воздухоплови, општо осигурување од одговорност, осигурување од пожар, осигурување на домаќинства, како и осигурување на имот.

 

 Основната главнина (акционерскиот капитал) на Триглав Осигурување АД, Скопје се изразува во евра, и изнесува 3.009.200 ЕВРА и е поделена на 60.184 обични акции. Акциите гласат на име. Една акција има номинална вредност од 50,00 ЕВРА. Друштвото издава обични акции а може да издава и други акции со различни права. Акциите што даваат исти права сочинуваат ист род акции. Според правата, акциите можат да бидат обични и приоритетни. Секоја акција која дава право на глас, дава право на еден глас во Собранието на Друштвото. Секоја обична акција дава право на глас во Собранието.