Оставете го телефонот барем за време на одмор

Премногу гледаме во екранот од телефонот. Што може да ни помогне да ја намалиме таа „зависност“?

Често слушаме дека некој кого познаваме (тинејџер, пријател, познаник…) не го испушта смарт телефонот од рака. Или дека семејството на маса воопшто не разговара, а ако воопшто и разговара, тоа го прави преку апликација за комуницирање наместо во живо. Без оглед на тоа дали перцепцијата за тоа колку сме врзани за џепните електронски пријатели е исправна или не, не е погрешно барем неколку седмици годишно малку да се заборави на нив и да се обрне внимание на околината. Во тоа можат да ни помогнат апликациите на самите телефони и компјутери, а можеме да се одлучиме и за други начини на одвикнување, кои што бараат малку повеќе дисциплина. Дали сме способни за тоа?

Апликации за ограничување на употребата на телефоните

На андроид телефон или на iPhone (а секако и на таблет) можете да инсталирате некоја од бројните програми, кои што се однесуваат како некој прикриен полицаец. Или пак како мотиватор, бидејќи повеќето од тие апликации се осмислени во форма на предизвици и игри.
 

Корисниците остваруваат цели, освојуваат бодови и награди доколку се воздржат од употребата на телефон и се концентрираат на други задачи што ги имаат пред себе, или ако се дружат со блиските.
 

Некои од апликациите од тој тип ќе ги погледнеме во продолжение. Кај сите нас е важно да  се одредат строги ограничувања, потоа да ги оставите на страна телефоните и да ги почитувате нивните предупредувања и „блокади“. Истите секогаш може да се исклучат, но тогаш не сте постигнале ништо.

Digital Wellbeing  и Screen Time

Прво утврдете колку често телефонот ви е во раце и колку време дневно трошите на одредени апликации и содржини. Податоци за најчеста употреба на содржини на поновите телефони јавуваат Digital Wellbeing (Андроид) и Screen Time (iOS). И двата система можете да ги најдете во прилагодувањата на уредот.
 

Во принцип се многу слични. Го бележат времето на употреба на поедини апликации, ги бројат примените известувања, примените пораки и слично.
 

Кај двата система може да се подеси колку време дневно може да се користи одредена апликација. Ограничувањата во секој момент можат да се исклучат, но сеедно, можат да бидат корисни и добредојдени, поради тоа што ограничувањето постои. Бидејќи, кога телефонот ќе ве опомени дека сте се приближиле до границата што сте ја поставиле, или дека веќе сте ја  надминале, ве потсеќа да го оставите уредот.
 

Можете да користите, односно да примените и некоја од другите апликации, кои за разлика од првите две, кои служат за откривање на навиките, пред сè се наменети за одвикнување.

Offtime

Меѓу апликациите за одвикнување прво да ја споменеме Offtime. Оваа апликација овозможува следење на користењето на телефонот, а потоа можете да си поставите граници, да подесите предупредувања и да го ограничите пристапот до одредени апликации. Можете и да блокирате повици, пораки и известувања, при што важните контакти можете да ги  одвоите како исклучоци.

Moment

Апликацијата Moment е уште една од оние што поаѓаат од конкретни податоци на употребата, и, дава можност за прилагодување на дневните лимити. Кога ќе го надминете времето на користење само љубезно ќе ве предупреди, но не го заклучува пристапот до апликација, или до целокупниот систем.

Flipd

Многу построга апликација е Flipd, која што ги крие апликациите за друштвените мрежи и игри, како и оние што би ја на намалиле фокусираноста на други, поважни работи. Корисникот може да постави и предизвици („не гледам во телефонот додека работам“), или да се мотивира со следење на тоа за колку ја намалил употребата на телефонот.

AppDetox

AppDetox на сличен начин овозможува ограничен, или целосно блокиран пристап до апликацијата. Секогаш кога корисникот ќе прекрши некое од овие правила, го опоменува и ги чува сите опомени во извештајот за лесно да се види каква е успешноста на одвикнувањето.

Forest

Forest е можеби најсимпатичната апликација. Во неа ќе посадиме дрво и потоа гледаме како расте. Тоа расте само додека се држиме до поставените ограничувања. Одредени апликации можат да бидат исклучоци, но можат да ги уништат сите други дрвца. Успешното растење потоа овозможува појава и на други видови дрвја.

Негативни ефекти на споменатите апликации

Сите споменати апликации имаат и потенцијални несакани ефекти.
 

Така на пример, Digital Wellbeing и Screen Time ни изгледаат најкорисни од гледна точна на познавање на нашите навики, утврдување колку време дневно телефонот ни е во рака, колку пати го отклучуваме и слично. Тоа истовремено значи дека тие податоци ги знае и некој друг. Веќе според опцииите вградени во оперативниот систем, многу е мала веројатноста дека тие информации ќе останат во телефонот.
 

Податоците за употребата на телефонот одат најмалку во анонимизиран и агрегиран облик до Googlе и Applе на понатамошна обработка.
 

Уште помалку сакате таквите податоци да ги прибираат помалку познати девелопери на апликации, при што не знаеме каде сè можат да бидат испратени.
 

Apple, по воведувањето на споменатите следења на употребата, привремено оневозможи голем број на такви апликации, меѓу кои голем број од нив беа наменети за ограничување на тоа колку децата можат да користат телефони и што можат да прават со нив.
 

Помошните средства за ограничување на самиот себе секако ги немаат тие импликации „за прислушкување“. Сеедно, бидете свесни дека одредени алгоритми знаат колку го користите телефонот. Како што знаат и што пишувате и што добивате во eлектронската пошта на интернет провајдерите.
 

Постојаното следење на настаните на телефонот може да го намали и траењето на батеријата. Жалбите во врска со тоа што може да се прочитаат на интернет форуми можеби навистина сепретерани, но сигурно не се неосновани.
 

Поставување на свои ограничувања

За одвикнување од телефон секако постојат и други начини, а не само подесување на одредени ограничувања. Наједноставниот план што бара нешто повеќе дисциплина е секојдневно да се рекреирате.

Особено во текот на летото не би требало да биде премногу тешко, барем секој втор ден на час или два да се отиде на трчање, брзо пешачење, на возење велосипед, пливање или некој друг спорт. Услов за тоа е во текот на таа активност да не се занимавате со телефонот, освен можеби за некоја убава фотографија. Со тоа се одвикнувате и од други екрани, а не само од оној во џебот.

Одмор со телефон?

Особено за време на одморот, можеби би било паметно да земете некој друг или стар телефон на којшто не се инсталирани апликации за друштвени мрежи или некои други мрежи за муабет. Точно е дека може секогаш да се инсталираат, но обидете се да се  спротивставите на таквите искушенија.
 

На „гол“ телефон не е можно во секој момент да се провери што има ново, што и кој објавил или пратил. Телефонот поголем дел од времето може да остане во режим за летање или во шкаф од каде што може да го земете најмногу двапати дневно за да проверите важни информации, а потоа да го вратите на место.
 

На плажа носете мобилен телефон во кој не е ставена СИМ картичка и на тој начин не е поврзан на ниту една мрежа, а негова цел е само повремено фотографирање за да ви останат спомени од одморот. Ако не е најнов модел, за потенцијалните крадци ќе биде помалку интересен, односно штетата ќе биде многу помала во случај на кражба.
 

Како предизвик, на одмор не носете полнач, а телефонот прилагодете го на максимално штедење на батеријата. Основните функции (повици, пораки…) и понатаму ќе работат, а од сè друго може да се откажете.


Complementary Content
${loading}