Рош Македонија и Триглав Осигурување започнаа стратешка соработка во доменот на доброволното приватно здравствено осигурување
Рош Македонија и Триглав Осигурување започнаа стратешка соработка во доменот на доброволното приватно здравствено осигурување, со вклучување на услугите на Foundation Medicine во полисите за осигурување на малигни заболувања. Овој новитет во доменот на дијагностицирање и одредување на терапија кај пациентите со малигни заболувања е дополнување на постоечкото покритие за малигни заболувања, коешто е дел од пакетот за доброволно приватно здравствено осигурување на Триглав Осигурување. Услугите на Foundation Medicine вклучуваат геномско профилирање на туморот во метастатска и напредна фаза, со цел добивање на детални информации, кои што им помагаат на лекарите во креирање на персонализиран терапевтски пристап.
До денес, онколошките болести продолжуваат да бидат еден од најголемите причинители на смртност во Македонија и во Европа, веднаш после кардиоваскуларните болести. Секој ден во Македонија се дијагностицираат околу 35 нови случаи на малигни заболувања (1).
Токму поради ова, Триглав Осигурување одлучи да им овозможи на своите клиенти покривање на трошоците поврзани со услугите на Foundation Medicine.
Осигурениците ќе имаат пристап до услугите за геномско профилирање на Foundation Medicine. Овие услуги ги користат иновативните технологии NGS (Next Generation Sequencing) и нудат детални податоци за геномските промени кај клетките на туморот, поврзани со можна достапна или експериментална терапија.
„Дијагностиката и фармацевтските истражувања бележат голем напредок во последната деценија. Истовремено, сведоци сме на зголемување на бројот и старосната граница кај постарата популација на глобално ниво, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Токму оваа динамика е постојан предизвик во тоа како да се спојат придобивките од научните иновации за пациентите со ефикасноста и долгорочната одржливост. Во моменталната состојба на пандемија, нееднаквоста и пристапот до најдобрите можности на здравствена нега и заштита, дополнително се влошуваат". – изјави директорката на Рош Македонија, Александра Ивановска. „Онкологијата на пример, која настојува да ги персонализира дијагностичко-терапевтските решенија врз основа на карактеристиките на секој поединечен тумор, напуштајќи го традиционалниот пристап кој го нуди истиот лек на сите пациенти, може да понуди решение на предизвикот, бидејќи освен што ги намалува загубите, неефикасноста и каснењата, ги подобрува и клиничките резултати. Пристапот кој ја издвојува нашата компанија оди уште понатаму, целејќи кон стратешки и иновативни партнерства помеѓу здравствениот систем и јавните и приватните субјекти, како што е овој пример помеѓу Рош Македонија и Триглав Осигурување. Наша цел е да ги обединиме силите и заеднички да работиме на пронаоѓање нови начини, кои ќе им овозможат пристап до иновациите на што поголем број пациенти, намалувајќи ги истовремено потрошеното време и трошоците на општеството".
Потешкотиите со кои што секојдневно се соочуваат пациентите и нивните семејства и чувството на несигурност и ранливост поради болеста, се постојано присутни. Триглав Осигурување, сакајќи да им излезе во пресрет на потребите на осигурениците, преку своите полиси за здравствено осигурување им нуди широка палета на здравствени услуги на своите корисници.
„Доброволното приватно здравствено осигурување е стратешки производ на Триглав Осигурување и во неговиот развој и надградба континуирано вложуваме значајни ресурси и експертиза, сѐ со цел да обезбедиме релевантна, понуда, којашто во целост ќе ги покрие потребите на нашите клиенти и ќе биде вистинско решение и поткрепа во моменти на неизвесност, изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на Триглав Осигурување", г. Ѓорѓе Војновиќ. Имајќи ја предвид природата на предизвикот, со кој што се соочуваат нашите клиенти, градиме стратешки партнерства, како ова со Рош Македонија, коишто им обезбедуваат врвна, персонализирана услуга. Foundation Medicine испитувањата го дополнуваат постоечкото покритие за малигни заболувања, кое што веќе вклучува комплетна и навремена дијагностика, второ мислење и психијатриски услуги, оперативен зафат, пост оперативни помагала, радио и хемо терапии, како и пластична и реконструктивна хирургија како последица по малигно заболување. Мораме да работиме на подигнување на свеста, едукацијата и на превентивата, како моќни средства за борба против малигните заболувања и нивниот импакт. Но најважно, мораме да си обезбедиме алатки, со кои што ќе се бориме против ударите што животот може да ни ги донесе”.
Информации за Рош Македонија
Компанијата Рош е присутна во Македонија од 1999 година и секојдневно и напорно работи на изнаоѓање на нови терапевтски решенија за спречување, дијагностицирање и лекување на болестите, давајќи значаен придонес кон општеството.
Рош е една од водечките фармацевтски компании, која, во својата долга историја на иновативна компанија го користи научното истражување како двигател, фокусирајќи се кон создавање на авангардни терапевтски решенија со цел да го подобри здравјето, преживувањето и квалитетот на живот на пациентите, придонесувајќи на овој начин во трансформацијата на иднината на медицината.
Обединетите сили на фармацијата и дијагностиката, го направија Рош лидер во персонализираната медицина - стратегија чија цел е лекувањето да се приспособи кон секој пациент на најдобар можен начин за да им обезбеди на пациентите пристап до иновативни терапевтски опции и персонализиран третман, преку обезбедување на соодветни дијагностички процедури и лекови од областа на онкологија, неврологија, хемофилија, ретки болести, ревматологија, вирусологија и други.
Со години Рош се наоѓа на врвот на листите на глобално ниво на инвестиции во Истражување и развој: само во 2020 година, Рош инвестираше 12,2 милијарди швајцарски франци во истражување и развој и прикажа продажба од 58,3 милијарди швајцарски франци.
Фокусирајќи се секогаш кон иднината на медицината, Рош се залага за одржливост на здравствениот систем преку бројни активности, бидејќи верува дека во сегашниот општествен контекст, карактеризиран со зголемување на животниот век и ограничени ресурси, одржливоста значи гаранција за правото на здравствена заштита, во рамките на еден систем кој функционира коректно, без загуби и кој е еднакво достапен за сите.
Foundation Medicine е компанија специјализирана во молекуларно профилирање, во чиј фокус е трансформација на лекувањето малигните заболувања, чиј третман се заснова на широко познавање на геномските механизми одговорни за туморот кај секој поединечен пациент. Компанијата нуди иновативни услуги на сеопфатно геномско профилирање, со цел пронаоѓање клинички значајни мутации кај гените, коишто на лекарите им помагаат во пронаоѓање на ефикасни терапевтски решенија за пациентите, било да се целни терапии, имунотерапии и активни експериментални терапии. Платформата на молекуларни податоци на Foundation Medicine цели кон подобрување на секојдневната грижа за пациентите, одговарајќи на потребите на лекарите, истражувачите и фармацевтите за напредок на науката, посебно молекуларната медицина во доменот на онкологијата.
Групација Триглав на македонскиот пазар
Групацијата Триглав со своето знаење, искуства и финансиска моќ веќе скоро 120 години ја оправдува довербата на своите клиенти, дека најдобро ќе се погрижи за нивната безбедност и иднина. Клучните столбови на работењето се осигурителната дејност и управувањето со имот. Најголемата осигурителна и финансиска групација во регионот Адрија, како и една од водечките во Југоисточна Европа, работи во шест држави, на седум пазари и вработува повеќе од 5.000 луѓе. Групацијата Триглав ги задржува цврстата финансиска стабилност, високата адекватност на капиталот и профитабилноста во работењето, што ги потврдуваат и високите бонитетни оценки »A«, добиени од две признати агенции за кредитен рејтинг. Главните вредности на компанијата се едноставноста, агилноста и доверливоста, а мисијата е градење на безбедна иднина. Со својата визија се стреми кон динамичен развој на нови начини на работа, кои што претставуваат темел на одговорен, долгорочен развој, а истовремено работи профитабилно и безбедно. Триглав Осигурување АД Скопје е дел од Групацијата Триглав, а на македонскиот пазар е присутна од 1968 година. Континуирано ја одржува својата лидерска позиција и има најголем удел на пазарот за неживотно осигурување. Располага со деловната мрежа од 45 продажни места, а има скоро 260 вработени. Компанијата обезбедува комплетна и навремена услуга во сите домени на неживотното осигурување. Кон крајот на 2017 година Групацијата Триглав воведе на пазарот и компанија за осигурување на живот, а во април 2019 година влезе и на пазарот на капитално финансирано пензиско осигурување, што овозможи Групацијата Триглав на своите клиентите да понуди консолидирани понуди во домените на имотното, животното, здравственото и пензиското осигурување, ефикасно покривајќи ги притоа сите нивни потреби.
Референци:
North Macedonia, Source: Globocan 2020 Пристапено на 16.11.2021, Достапно на: https://gco.iarc.fr/today/data/factsheets/populations/807-north-macedonia-fact-sheets.pdf