1. Воведни одредби
1.1 Со општите услови за користење на дигиталната апликација за пријава на осигурен случај од доброволно здравствено осигурување (во натамошниот текст: „општи услови“) Триглав Осигурување АД, Скопје со седиште на бул.8-ми Септември бр.16, Скопје (во натамошниот текст: Триглав Осигурување), ги утврдува обврските, правата и условите за користење на дигиталната апликација за пријава на осигурен случај од доброволно здравствено осигурување (во понатамошниот текст: „Апликација“).
1.2 Овие општи услови се употребуваат за електронската апликација за пријава на штета од доброволно здравствено осигурување, на која корисникот пристапува преку веб страницата на Триглав Осигурување www.triglav.mk.
1.3 Корисникот на Апликацијата, претходно мора да биде регистриран корисник на апликацијата OneID.
1.4 Овие општи услови важат за сите надградби, нови верзии и какви било други измени на Апликацијата.
1.5 Со користењето на Апликацијата, поединецот потврдува дека е запознаен со овие општи услови, дека се согласува со нив и дека е обврзан со нивните одредби.
1.6 Овие општи услови се обврзувачки за сите корисници на Апликацијата и на корисниците им се достапни на веб страната www.triglav.mk како и во рамките на самата апликација.
2. МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА OneID
2.1 Мобилна апликација OneID – е апликација која овоможува електронска идентификација пред компании кои нудат услуги за кои имаат потреба од Ваше електронско идентификување. Вие можете електронски да се идентификувате со користење на апликацијата OneID инсталирана на вашиот мобилен уред. Електронскиот идентитет е најсовремено дигитално решение со високо ниво на доверливост со кое добивате пристап до услугата за електронската апликација за пријава на штета од доброволно здравствено осигурување на Триглав Осигурување без да има потреба да посетите шалтер.
2.2 Апликацијата OneID се инсталира на мобилен уред. Потпишувањето на документите на далечина се врши преку мобилениот уред на кој истата е инсталирана, со користење квалификуван сертификат од облак. Податоците за идентификација се безбедни со OneID. Корисникот дава согласност за секој поединечен пренос на податоците до мобилните или веб-апликации на правните лица чиишто услуги сака да ги користи, да се идентификува или електронски да потпише.
2.3 Триглав Осигурување АД, Скопје е правно лице кое има потпишано комерцијален договор со НЕКСТСЕНС ДОО Скопје кој е деловно-технички партнер и дејствува во својство на застапник на КИБС АД Скопје (регистриран издавач на шема на електронска идентификација на високо ниво на сигурност и давател на квалификувани доверливи услуги) и има право да побара од вас да одобрите пренос на вашиот електронски идентитет OneID. За апликации преку кои се пристапува до чувствителни податоци, најавата со корисничко име и лозинка не е доволна. Затоа OneID овозможува безбедна најава на апликации со механизми за силна автентикација.
2.4 Електронската идентификација во Триглав Осигурување е овоможена само преку апликацијата OneID, производ на компанијата НЕКСТСЕНС ДОО Скопје. Мобилната апликација OneID ви овозможува да креирате електронски идентитет, со кој може да се идентификувате и електронски да потпишувате документи со својот електронски потпис, од кое било место во светот. Креирањето електронски идентитет започнува со преземање на мобилната апликација OneID. Апликација е достапна на Google Play, App Store и App Gallery (минимална верзија Android 6.0 (API level 23) или iOS 11.4). Ажурирањето на личните податоци со електронски идентитет е овоможено само за физички лица кои се полнолетни и се државјани на РСМ.
2.5 За да креирате OneID потребно е да имате:
- Валидна адреса на е-пошта,
- Мобилен телефонски број (само македонски мобилни броеви),
- Мобилен уред кој поддржува биометриска автентификација,
- Валидна лична карта или пасош,
- Да бидете евидентирани во регистарот на население на Република Северна Македонија.
Секој чекор во креирањето електронски идентитет преку OneID е на посебен екран и не може да се префрлите на следниот без да го завршите актуелниот чекор.
3. Дефинирање на поими
Изразите, употребени во овие општи услови го имаат следното значење:
- Корисник на Aпликацијата може да биде физичко лице, клиент на Триглав осигурување и кое има склучено договор (полиса) за доброволно здравствено осигурување.
- Апликација
е дигитална апликација, која на корисниците им овозможува брзо и едноставно пријавување на осигурен случај(штета) по основ на Триглав доброволно здравствено осигурување. Корисник на Апликацијата може да биде осигуреник на доброволно здравствено осигурување;
- Смартфон
или таблет за потребите на овие општи услови претставува уред, кој овозможува инсталирање и функционирање на напредни апликации, кои обичните телефони не ги поддржуваат. Смартфоните или таблетите овозможуваат понапредни можности за пристап до интернет, мултитаскинг, поврзување и имаат можност за користење на напредни функции;
- Онлајн или мобилна продавница претставува дигитален начин на дистрибуција на апликации и е наменета за обезбедување или инсталирање софтверски апликации за корисниците и овозможува пренос на мобилни апликации на паметни телефони.
4. Разграничување на одговорноста
4.1 Визит карта на Триглав Осигурување:
Назив: Триглав Осигурување АД, Скопје
Адреса: бул.8-ми Септември бр.16, 1000 Скопје
Даночен број: 4030993129071
Матичен број: 4691130
Основен капитал: 3.009.200,00 EUR
Број на акции: 60.184
Веб страна: www.triglav.mk
Е-адреса: osig@triglav.mk
Триглав Осигурување има дозвола за извршување на осигурителна дејност од страна на Агенција за супервизија на осигурување (АСО) која што врши и надзор над работењето на Триглав Осигурување.
4.2 Триглав Осигурување ќе се залага за:
- непречено функционирање на Апликацијата, сепак, не е одговорен за прекини или нефункционирање на истата предизвикани од виша сила или дејствија на трета страна кои не можеле да се избегнат или отстранат,
- воспоставување на работа на Апликацијата што е можно побрзо, доколку дојде до прекин или нефункционирање на истите,
- за точно и навремено објавување на податоците на веб-страницата на Триглав Осигурување.
4.3. Триглав Осигурување не презема никаква одговорност за надомест на штета или друга одговорност за грешки или пропусти во содржината на Апликацијата, додека Триглав Осигурување го задржува правото да менува, брише, дополнува и ажурира функции на кој било дел од содржината на Апликацијата. Оваа одредба не ја исклучува одговорноста на Триглав Осигурување за штета предизвикана на корисник кој, во согласност со законот со кој се уредуваат правата на потрошувачите, се смета за потрошувач, било со намера или од небрежност.
4.4. Пристапноста на поединечни содржини и/или содржината на Апликацијата и нивото на нивната интерактивност зависи и од начинот на пристап.
4.5. Триглав Осигурување самостојно го определува опсегот на услуги и условите за изведување услуги и се друго во врска со Апликацијата.
4.6. Корисникот на Апликацијата ги користи сите услуги на сопствена одговорност. Ниту Триглав Осигурување, ниту кое било друго правно или физичко лице кое учествувало во креирањето и изработката на апликациите не е одговорно за каква било штета што произлегува од какви било промени во Апликација, траен или привремен прекин на обезбедувањето на користење на Апликацијата, или кои било елементи во рамките на Апликацијата, какви било грешки или недостатоци во содржината, неточен внес на податоци, како и фактот дека корисникот на Апликацијата, не ги обезбедил податоците од Апликацијата и ја зачувал нивната доверливост. Исклучувањето од одговорност на Триглав Осигурување се применува без разлика дали Триглав Осигурување бил запознаен со настапувањето на таквата штета или требал или можел да биде свесен за можноста за нејзиното настапување. Триглав Осигурување исто така не е одговорен за формата и содржината на податоците, добиени преку линкови, кои не се во сопственост на Триглав Осигурување.
4.7. Триглав Осигурување не е одговорен за какви било информации што се погрешно или неовластено добиени, пренесени или откриени од корисникот на Апликацијата, ниту за последиците од таквите дејствија што предизвикале или би можеле да предизвикаат штета на корисникот или на трети лица.
5. Технички услови
5.1 Пристап до Апликацијата имаат само корисниците кои претходно регистрирале профил на мобилната апликација OneID.
5.2 Апликацијата може да се користи исклучиво во согласност со целите предвидени во овие општи правила и услови.
5.3 Триглав Осигурување го задржува правото да престане да обезбедува пристап до Апликацијата, или нејзини одделни функции, без претходно да го извести корисникот.
6. Начин на пријава на штетен настан преку Апликација
6.1 Корисникот на Апликацијата кој претходно мора да биде корисник на апликацијата OneID, може да пријави штета по основ на доброволно здравствено осигурување брзо и ефикасно со обезбедување и доставување на потребните податоци и целокупната медицинска документација без пополнување формулари и посети на Триглав Осигурување.
6.2 Мобилната апликација OneID обезбедува валидација на енкриптирани документи, односно секој документ кој е затворен со клуч нема да може да се прикачи и корисникот на Апликацијата ќе треба претходно да го декриптира за да може истиот да биде прикачен.
6.3 Корисник на Апликацијата може да биде осигуреник на доброволно здравствено осигурување.
6.4 Корисник на Апликација може да биде и родител/старател на малолетно дете-осигуреник на доброволно здравствено осигурување.
6.5 Корисникот на Апликацијата треба да ги обезбеди и достави сите задолжителни податоци и медицинска документација кои се бараат со цел да се изврши успешна пријава на штета по основ на доброволно здравствено осигурување.
6.6 Доколку станува збор за доброволно здравствено осигурување кое што родител/старател го има склучено за неговото малолетно дете, пријава на штета преку Апликацијата може да поднесе единствено родителот/старателот на малолетното дете. Родителот/старателот на малолетното дете при поднесувањето на барањето на самата апликација дава изјава со која го потврдува овој факт. Дополнително пред исплата на штетата, Триглав Осигурување по негово оценување може да побара од родителот/старателот да достави непосредно на увид извод од матичната книга на родените за малолетното дете.
7. Промена на податоци
7.1 Кога процесот на пријавата на штета е веќе завршена, корисникот на Апликацијата не може самостојно да ги менува веќе доставените податоци и медицинска документација преку Апликацијата.
7.2 Во врска со промена на податоци и медицинска документација, корисникот може да го контактира Центарот за грижа на клиенти на Триглав Осигурување.
8. Заштита на доверливоста и пријава на неовластена употреба
8.1 Триглав Осигурување, сите податоци добиени преку Апликацијата, кога ги користи ги заштитува како доверливи на таков начин што ќе спречи нивна неовластена или незаконска обработка, случајно губење, уништување или менување.