Изменет договор за работењето на Групација Триглав на италијанскиот пазар на автомобилско осигурување

Групација Триглав во 2026 година продолжува со работењето на италијанскиот пазар, во соработка со своите партнери.

Групација Триглав го измени договорот за соработка со своите партнери на италијанскиот пазар на автомобилско осигурување. Според проценките, во 2026 година на овој пазар ќе оствари поголем деловен обем од првично планираниот. Сепак, конечниот деловен обем и неговото влијание врз годишните резултати на Групација Триглав ќе зависат од повеќе фактори. Согласно тоа, проценката за добивката на Групација Триглав за 2026 година останува непроменета.

Во втората половина од минатата година, Групацијата AXA стекна мнозински сопственички удел во инсуртек-компанијата Prima Assicurazioni. По оваа трансакција, Prima Assicurazioni и Групацијата Триглав ја продолжуваат соработката на италијанскиот пазар на автомобилско осигурување, согласно ажурираните услови за соработка.

Триглав започна со работа на италијанскиот пазар на автомобилско осигурување во јуни минатата година, преку партнерство со италијанската инсуртек-компанија Prima Assicurazioni и Ageas Re, реосигурител и членка на белгиската Групација Ageas. Врз основа на ова, во 2025 година оствари деловен обем од 693 милиони евра, што претставува повеќе од една четвртина од вкупниот деловен обем на Групацијата Триглав. За 2026 година првично беше планиран деловен обем од околу 400 милиони евра, но по измената на договорот, сега се проценува дека деловниот обем најверојатно ќе биде повисок. Обемот на премија што ќе го надмине првичното договорено ниво ќе биде пренесен на Ageas Re врз основа на договор за 100% квотно реосигурување, со што се намалува изложеноста на ризик на Триглав.

Групацијата Триглав ја проширува географската диверзификација на своето работење, со што ја зајакнува отпорноста на својот деловен модел и ги следи своите стратешки амбиции во однос на растот, профитабилноста и меѓународната препознатливост. Во регионот Адриа работи преку своите зависни осигурителни друштва, додека на пошироките меѓународни осигурителни пазари, вклучително и во Италија, работи во соработка со партнери. Партнерскиот модел ѝ овозможува поефикасен влез на нови пазари, флексибилно приспособување кон променливите пазарни услови и искористување на деловните можности, при што се постигнува и одреден степен на променливост во деловниот обем. Притоа, Групацијата ги зема предвид и пошироките ефекти од растот на своето осигурително портфолио, вклучително и неговото влијание врз инвестициските активности.

За 2026 година, Групацијата Триглав планира да оствари добивка пред оданочување во износ од 170 до 190 милиони евра (2025: 174,1 милиони евра), вкупен деловен обем над 2,4 милијарди евра (2025: 2.561,2 милиони евра) и комбиниран коефициент од околу 95% (2025: 93,2%).

Complementary Content
${loading}