По година исполнета со предизвици, во 2024-та година се очекува нормализирање на работењето на Групација Триглав
Според
неревидираните податоци, Групацијата Триглав во 2023-та година го зголеми вкупниот
обем на деловно работење за 12 проценти, на 1.780,2 милиони евра и оствари добивка пред оданочување
од 21,1 милион евра. Заработката е во согласност со средногодишната проценка, објавена од страна на
Групацијата поради еднократни настани, особено регулираната цена на дополнителното здравствено
осигурување во Словенија и рекордно високите штети од природни катастрофи, чие што влијание врз работењето на
Групацијата беше ограничено преку адекватна заштита со реосигурување. Поради овие
околности и инфлаторните притисоци, кои што влијаат врз штетите и трошоците, комбинираниот количник за сегментите на неживотно и здравствено осигурување се зголеми на
101,6%. Групацијата Триглав ја задржа финансиската сила и стабилност, што беше
потврдено со реафирмираниот висок кредитен рејтинг „А“ со стабилна
среднорочна прогноза. Групацијата конзистентно ги спроведуваше стратешките
развојни активности и ги постигна своите одржливи амбиции. Во 2024-та година, Групацијата
предвидува нормализирање на деловните услови и планира вкупен обем на деловна
активност (земајќи го предвид влијанието на укинувањето на дополнителното здравствено осигурување
во Словенија) од околу 1,6 милијарди евра, добивка пред оданочување од
100-120 милиони евра и комбиниран количник во сегментите Неживот и Здравје од околу 95%.
Перформансите во 2023-та година и плановите за 2024-та година
Во 2023-та година, Групацијата Триглав го зголеми вкупниот обем на деловно работење на 1.780,2 милиони евра (индекс 112) преку активно спроведување на стратешките насоки. Поволните услови на финансиските пазари ѝ овозможија на Групацијата да постигне добар инвестициски резултат, позитивни други сеопфатни приходи и успешно управување со средствата. Во осигурителната дејност, Групацијата постигна добар резултат во сегментите на животно и пензиско осигурување; На резултатите во сегментите Неживот и Здравје значително влијание имаа еднократни настани. Ова резултираше со повисок коефициент на загуба и, следствено, комбиниран количник во овие два сегменти од 101,6% (2022: 99,7%). Заработката на Групацијата пред оданочување изнесуваше 21,1 милиони евра, а нето добивката 16,3 милиони евра.
Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, изјави: „Минатата година беше исполнета со предизвици. Природните катастрофи резултираа со зголемена потреба за поддршка за нашите осигуреници и од деловна перспектива, предизвикаа историски високи загуби за Групацијата. Покрај горенаведените фактори и инфлацијата на штети, значително влијание врз нашите резултати имаше и владиното регулирање на цената на доброволното здравствено осигурување во Словенија. Оваа година, веќе не го нудиме тоа осигурување, но ќе продолжиме да развиваме и продаваме дополнително здравствено осигурување на пазарите во регионот Адриа, бидејќи веруваме дека има значителен долгорочен потенцијал. Врз основа на променетите деловни услови, објавивме средногодишна проценка за планираната годишна заработка за годината и постигнатиот резултат е во согласност со оваа проценка. Во текот на минатата година ја демонстриравме нашата флексибилност и издржливост, кои се поткрепени со нашиот робустен деловен модел. Ја задржавме нашата финансиска сила и водечката пазарна позиција во регионот, истовремено зголемувајќи го обемот на нашето работење и работејќи со профит.“
Во 2024-та година, Групацијата очекува нормализирање на деловните услови и работење во согласност со планираната стратегија. Според ова, вкупниот обем на деловно работење на Групацијата е планиран на околу 1,6 милијарди евра, заработката пред оданочување од 100–120 милиони евра и комбиниран количник во сегментите Неживот и Здравје од околу 95%.
Финансиски резултати во 2023-та година
Групацијата Триглав е капитално силна, финансиски стабилна и соодветно ликвидна. Според неревидирани податоци, вкупниот биланс на состојба на 31-ви декември, 2023-та година изнесува 4.099,0 милиони евра (индекс 108), а вкупниот капитал изнесува 891,1 милиони евра (индекс 99). При ниски остварени нето приходи по оданочување, нето профитабилноста на капиталот изнесува 1,8 отсто (претходната година -0,7 проценти, пресметка според МСФИ 17).
Вкупниот деловен обем на Групацијата порасна за 12%, на 1.780,2 милиони евра, при што истата стапка на раст беше забележана кај бруто полисираната премија, која сочинуваше 93% од вкупниот деловен обем. На словенечкиот пазар, каде што се обезбедуваат 63% од осигурителната премија на Групацијата, растот на премијата изнесуваше 9%, во согласност со пазарните трендови. На останатите пазари од регионот Адриа, порастот бележи 7%, додека на меѓународниот пазар, каде Групацијата работи главно на принципот на слободен проток на услуги и со активни реосигурителни операции, растот достигна 28%.
Според неревидираните податоци, добивката на Групацијата пред оданочување во 2023-та година изнесува 21,1 милиони евра (2022 –10,0 милиони евра според МСФИ 17), подетално:
- Деловниот резултат во осигурување изнесува -9,4 милиони евра (2022 година - 12,6 милиони евра според МСФИ 17). Групацијата оствари добар резултат од 16,7 милиони евра во сегментот животно и пензиско осигурување, во сегментот Неживот 0,8 милиони евра, а во сегментот Здравје -26,8 милиони евра. Приходите од осигурување се зголемени за 12% на 1.351,2 милиони евра, остварените штети за 33% на 1.021,2 милиони евра и расходите за 12% на 363,0 милиони евра.
Урош Иванц, член на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, објасни: „Поради зголемениот обем и интензитет на штетите и регулирањето на цените на дополнителното здравствено осигурување, во 2023-та година бележиме низок резултат од осигурителниот дел во сегментот Имот и загуба во сегментот Здравство. Инфлаторните притисоци опстојуваа втора година по ред, што значително влијаеше врз нашите трошоци и штети. На овие притисоци одговоривме со спроведување мерки во процесот на решавање на штети, со доследна рационализација на трошоците и прилагодување на ценовната политика на инфлацијата. Последното веќе делумно се одрази со зголемувањето на приходите од осигурителните услуги, но целосното влијание се очекува да се одрази во идните финансиски периоди.“
- Поддржан од поволниот тренд на финансиските пазари и имплементацијата на наведената инвестициска политика на Групацијата, нето-инвестицискиот резултат изнесува 22,0 милиони евра (2022: –14,3 милиони евра според МСФИ 9 и МСФИ 17).
Стапката на поврат на инвестициите на Групацијата (без вложувањата во корист на клиентите кои го преземаат ризикот од инвестирање) изнесувашњ 1,8% во 2023-та година, додека минатата година -0,4%.
- Резултатот од управувањето со средства и другите неосигурителни дејности достигна 8,4 милиони евра, поради добриот резултат во доменто на управување со средства. Претходната година резултатот изнесуваше 16,9 милиони евра (според МСФИ 17) како последица на еднократни настани.
Минатогодишното работење беше значително погодено од природни катастрофи, кои што нанесоа огромна штета на Групацијата во проценет бруто износ од 212 милиони евра. Според проценките на Групацијата, невремето со град и ветер во Словенија нанесе бруто штети на Групацијата од 86 милиони евра, додека невремето и поплавите во август предизвикаа бруто штети од 77 милиони евра. Поголемиот дел од другите пазари на Групацијата исто така беа погодени од природни катастрофи, со најголеми штети забележани во Хрватска (14 милиони евра) и Србија (8 милиони евра). Проценетите масовни штети од реосигурување изнесуваат 27 милиони евра.
Останатите сеопфатни приходи на Групацијата изнесуваат 34,7 милиони евра, додека во претходната година беа негативни и изнесуваа -50,9 милиони евра. Урош Иванц, член на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, додаде: „На минатогодишната позитивна сеопфатна добивка најмногу влијаеја поволните услови на финансиските пазари и спроведувањето на инвестициска политика, насочена кон обезбедување пократок просечен рок на доспевање на должничките инвестиции од обврските. Поради ова, позитивната промена на вредноста на должничкото портфолио на Групацијата ја надмина промената на вредноста на обврските на Групацијата.“
Во согласност со инвестициските политики, конзервативната структура и квалитетот на инвестициското портфолио на Групацијата, чија вкупна вредност порасна за 4% на 3.398,5 милиони евра, останаа главно непроменети. Најголемо учество, (54,7%) од вкупното инвестициско портфолио, имаат обврзниците на развиените пазари, од кои повеќето имаат висок кредитен рејтинг. Тие сочинуваат 84,3% од портфолиото, исклучувајќи ги вложувањата во корист на клиентите на животно осигурување, кои го преземаат ризикот од вложување и финансиски инвестиции од финансиски договори. Минатата година, на вредноста на портфолиото на обврзници и акции влијаеја состојбите на финансиските пазари, диверзификацијата на инвестициите и делумната оптимизација на адекватноста на капиталот на Групацијата. Инвестициите во корист на осигурениците кои го преземаат инвестицискиот ризик (вредност 540,9 милиони евра, индекс 115) главно се состојат од средства вложени во заеднички фондови по избор на осигуреникот, во фондови со кои што управува Триглав Склади. Поттикнати од нето-приливите и поволните пазарни услови, обемот на средства под управување се зголеми за 22% на 1,7 милијарди евра. Со пазарен удел од 31%, Групацијата е еден од водечките менаџери на средства на инвестициските фондови во Словенија.
На крајот на 2023-та година, инвестициите на Групацијата во одржливи вложувања со фиксни приходи изнесуваа 262,5 милиони евра, што претставува зголемување за 18% на годишно ниво. Нивното учество во вкупното портфолио на обврзници се зголеми на 11,1%, надминувајќи ја поставената стратешка цел. Дополнително, Групацијата ја реализираше својата цел да нема никакви инвестиции од издавачи, во кои најмалку 20% од производството на електрична енергија или приходот произлегува од јаглен (Coal Exit List).
Перформанси по сегменти во 2023-та година
Сегмент Неживот: Вкупниот деловен обем на сегментот изнесува 1.237,1 милиони евра (индекс 116), а приходите од осигурување 1.056,2 милиони евра (индекс 114). Поради зголемениот обем на штети од природни катастрофи и инфлаторните притисоци, акумулираните штети се зголемија за 41% на 779,7 милиони евра, додека трошоците за аквизиција и административните трошоци, вклучувајќи ги неприпишаните трошоци, пораснаа за 14% на 293,6 милиони евра. Комбинираниот количник во сегментот Неживот изнесуваше 99,4%. Заработката на сегментот пред добивка од 11,6 милиони евра беше генерирана главно од инвестициски активности (10,9 милиони евра) и во помала мера од активности на осигурување (0,8 милиони евра).
Сегмент Живот и пензии: Вкупниот деловен обем на сегментот се зголеми за 8% на 290,2 милиони евра. Профитабилноста на новите бизниси порасна за 3,2 процентни поени на 14,6%, а маржата на договорени услуги се зголеми за 30% на 221,7 милиони евра. Заработката на сегментот пред оданочување изнесува 28,1 милиони евра, од кои 16,7 милиони евра се од инвестициски активности, а 11,4 милиони евра од осигурителни активности.
Сегмент Здравје: Вкупниот деловен обем на овој сегмент изнесува 206,7 милиони евра (индекс 101), при што премијата за комплементарно осигурување бележи висок раст од 38%, а премијата за дополнително здравствено осигурување бележи пад од 1%. Остварените штети се зголемија за 17% на 215,9 милиони евра, додека комбинираниот количник на сегментот Здравје се влоши за 12,8 процентни поени на годишно ниво на 112,9%. Овој сегмент бележи негативен резултат пред оданочување од -29,8 милиони евра.
Осигурителните компании кои обезбедуваат дополнително здравствено осигурување како дел од словенечкиот јавен здравствен систем (вклучувајќи ја и Групацијата Триглав) добија можност, со измена на уредбата на Владата на Република Словенија, усвоена на крајот од минатата година, да добијат одреден надоместок поради регулирањето на цените на дополнителното здравствено осигурување, воведено во април минатата година. Групацијата, како и секогаш, ќе дејствува во најдобар интерес на своите осигуреници, акционери и останати засегнати страни.
Управување со средства и други неосигурителни работи: Вкупниот деловен обем на неосигурителните друштва на Групацијата изнесува 46,2 милиони евра (индекс 92), а падот на годишно ниво се должи на остварените еднократни добивки од продажба на инвестициски имот во 2022-ра година. Приходите од инвестициски фондови и услугите со дискрециони овластувања се зголемија за 6% на годишно ниво на 32,7 милиони евра. Вкупната добивка на сегментот пред оданочување минатата година се зголеми за 8% до 11,1 милиони евра, од кои 2,7 милиони евра беа генерирани од инвестициски активности (2022: -6,6 милиони евра) и 8,4 милиони евра од активностите на неосигурителните компании на Групацијата (2022: 16,9 милиони евра).
Имплементација на политиката за дивиденди
Заваровалница Триглав, матичната компанија на Групацијата Триглав, настојува своите акции да ги направи профитабилна, сигурна и стабилна инвестиција за инвеститорите. Нејзината политика за дивиденди е дизајнирана на начин што е привлечен за акционерите и во исто време одржлива за финансиската стабилност, раст и развој на Групацијата. Во согласност со политиката за дивиденди, учеството на консолидираната нето добивка од претходната година наменета за исплата на дивиденди изнесува најмалку 50%, имајќи предвид дека спроведувањето на политиката за дивиденди е подредено на постигнувањето на среднорочна одржлива целна стапка на адекватност на капиталот на ниво на групација.
Во 2023-та година, Групацијата ја спроведе својата политика за дивиденди како што беше планирано - на акционерите им беа распределени дивиденди во износ еквивалентен на 51% од консолидираната нето-добивка за 2022-ра година (известена според тогашните ефективни сметководствени стандарди), поточно, 2,50 евра бруто по акција. Вкупниот принос на акцијата беше 8%, со дивиденден принос од 7%.
Имплементација на стратегијата на Групацијата Триглав
Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, рече: „Остануваме посветени на нашата мисија за создавање побезбедна иднина за нашите клиенти, вработени, акционери и други засегнати страни. Клиентите ги препознаваат нашите напори и, како што може да се забележи од мерењата на NPS, нивното задоволството е на високо ниво. Особено сме горди на тоа оваа година, која што беше исполнета со предизвици поради значителното зголемување на обемот на штети како резултат на екстремните временски непогоди и прилагодувањата на премијата кон инфлацијата на штети.
Истовремено, свесни сме дека нашиот успех зависи од посветеноста на нашите вработени, поради што се стремиме да негуваме чувство на посветеност, единство и лојалност. Во име на Управниот одбор, би сакал да изразам благодарност до сите наши вработени за нивната непоколеблива посветеност“.
Групацијата ја следи својата главна стратешка цел - извонредно и униформно искуство на клиентите низ сите канали, сите процеси, сите производи и компании. Трансформацијата на Групацијата се заснова на униформното управување со искуството на корисниците и дигиталното работење. Минатата година, опсегот на производи и услуги на Групацијата продолжи да се проширува и надградува за подобро да им служи на своите клиенти и да се прилагодува на специфичните карактеристики на секој пазар на Групацијата. Процесите и каналите за комуникација со клиентите беа подобрени, продажната мрежа беше реорганизирана и беа спроведени бројни активности во процесот на дигитализација низ Групацијата постигнувањето на пофлексибилна организациска структура.
Во обете стратешки активности, Групацијата продолжи да ги исполнува своите стратешки амбиции за одржливост и да ја поддржува транзицијата кон климатско неутрална и климатски отпорна економија. Со почитување на високите стандарди за корпоративно управување, Групацијата се стреми да негува култура на различност, еднаквост и вклученост. Групацијата има долгогодишна посветеност на заедницата; минатата година, заедно со разни партнери, продолжи да придонесува во голем број општествено и еколошки одговорни проекти.
Презентацијата за инвеститорите за неревидираните резултати на Групацијата Триглав за 2023-та година е достапна на веб-страната https://www.triglav.eu/en/investors/actual/financial-reports.
Појаснување во однос на методолошкиот пристап (МСФИ 17): Во 2023-та година Друштвото премина кон користење на сметководствените стандарди МСФИ 9 и МСФИ 17, што се рефлектира и во промената во пресметката на некои показатели за деловните перформанси за 2023-та година. Во известувањата се прикажани податоци во согласност со новите стандарди и за претходната година. Со преминот кон МСФИ 17, на резултатот влијае, меѓу другото, методот на признавање на договорите за осигурување, износот на прилагодување на ризикот со влијание врз штетните договори, износот на резервите за штети од природни катастрофи и пристапот што се користи за трошоците за ликвидација на штети. Категориите го прикажуваат вкупниот обем на деловно работење и пресметаната бруто премија од осигурување, како што е дефинирано според МСФИ 4. Ефектите од преминот кон употребата на новите стандарди ќе бидат подетално објаснети во годишниот извештај на Групацијата Триглав и матичната компанија за 2023-та година. Согласно финансискиот календар, објавувањето на Годишниот извештај за 2023-та година на Групација Триглав и матичната компанија е закажано за петок, 29-ти март, 2024-та година.