Агенцијата S&P повторно додели висок кредитен рејтинг „A“ на Триглав

Групацијата е добро капитализирана како резултат на дисциплинирано преземање на ризици од осигурување

По овогодинешната редовна ревизија, агенцијата за кредитен рејтинг S&P (во натамошниот текст: S&P или агенцијата) го потврди кредитниот рејтинг на финансиска моќ „А“ со стабилна среднорочна прогноза на Групацијата Триглав, а со тоа и на нејзината матична компанија Заваровалница Триглав и на членката на групацијата, Позаваровалница Триглав Ре. Кредитниот рејтинг се базира на проценката на независниот профил на кредитен ризик на Групацијата; сите поединечни елементи на рејтингот се на исто ниво како и минатата година. Според агенцијата, клучната моќ на Триглав е нејзината водечка позиција на пазарот во регионот и во Словенија, реномираниот бренд и широката палета на производи, достапни во широка продажна мрежа.  Групацијата е добро капитализирана,  дисциплинирано ги презема ризиците од осигурувањето и користи ефикасна реосигурителна заштита, успешно ограничувајќи ги загубите од природни катастрофи на Групацијата.      

Агенцијата за кредитен рејтинг S&P повторно го оцени профилот на деловниот ризик на Групацијата Триглав како солиден, а нејзиниот профил на финансиски ризик како многу цврст. Според агенцијата, ненадејните ограничувања на цената на дополнително здравствено осигурување во Словенија и екстремните природни катастрофи во регионот ќе имаат негативни ефекти врз овогодинешните резултати на Групацијата. Бидејќи тие се сметаат за едногодишни ефекти, се очекува резултатите на Групацијата да се подобрат следната година, главно како резултат на успешното опоравување во сегментот на неживотно осигурување и континуираните стабилни операции во сегментите на животно осигурување и управување со средства. Покрај тоа, Групацијата успеала да добие стабилна и ефикасна заштита од реосигурување и конзервативно го управува своето инвестициско портфолио. 

Стабилната среднорочна прогноза за кредитен рејтинг ги одразува очекувањата на S&P дека Групацијата ќе продолжи успешно да ја спроведува својата деловна стратегија за профитабилен раст во следниот период од најмалку две години, врз основа на понатамошна диверзификација на понудите и реализираните приходи. И покрај зголемените оштетни побарувања поради природни катастрофи, укинувањето на дополнителното здравствено осигурување во Словенија и ублажувањето на макроекономските услови, агенцијата очекува Групацијата да го одржи високото ниво на капитализација на барем "АА" според капиталниот модел на S&P, и успешно да ги подобри своите оперативни резултати. 

Целосниот извештај на S&P е објавен на веб страната www.triglav.eu/en во делот Односи со инвеститорите

 

Complementary Content
${loading}