Во тешки околности, раст на приходите и добивката

Триглав на крајот на кварталот ја потврди прогнозата за планирана годишна добивка

Во тешките околности од првиот квартал од 2022 година, Групацијата Триглав ги зголеми вкупните приходи за 12% (442,9 милиони евра) и го зголеми обемот на бруто полисираната осигурителна премија (407,1 милиони евра) за 10% во споредба со истиот период минатата година. Групацијата оствари раст на премија во сите осигурителни сегменти и на сите пазари во регионот, во кој работи. Остварената квартална консолидирана добивка пред оданочување во износ од 38,1 милиони евра е за 20% поголема во однос на истиот период минатата година, а нејзиниот раст произлегува од осигурително-техничкиот дел од работењето и управувањето со сопствените средства. Групацијата ја задржа својата финансиска моќ со адекватност на капиталот во целниот опсег. Во согласност со ажурираната стратегија до 2025 година, таа спроведува различни развојни активности во насока на продлабочување на фокусот на клиентите, дигиталната трансформација и други стратешки амбиции. Управниот и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на овогодинешното редовно годишно собрание, кое ќе се одржи на 24 мај, 2022 година, ќе предложат за дивиденди да се исплати 74% од нето добивката на Групацијата (3,70 евра бруто дивиденда по акција).

Добивка пред оданочување. Во споредба со првиот квартал од минатата година, Групацијата ја зголеми добивката пред оданочување за 20%, на 38,1 милиони евра. Најголем дел од добивката - 30,6 милиони евра - доаѓа од осигурително-техничкиот дел на работењето, што е за 16% повеќе во однос на првиот квартал од минатата година. Добивката од финансиски инвестиции е намалена за 87% на 0,5 милиони евра, додека добивката на неосигурителните друштва на Групацијата се зголеми на 7,0 милиони евра (1,6 милиони евра во првиот квартал од минатата година). Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, во оваа прилика изјави: „Иако пандемијата со Covid-19, која што во последните две години влијаеше и на нашето работење, се намалува по обем, околностите во нашето деловно опкружување сè сеуште тешки. Тоа се должи на пошироките последици од војната во Украина и санкциите наметнати на Русија и Белорусија. Целосно и доследно ги почитуваме, а нашата изложеност на ситуацијата ја оценуваме како ограничена и ниска. И покрај тешките околности, успешно работевме во првиот квартал од оваа година, благодарение на целиот тим од над 5.200 вработени во Групацијата Триглав. Постигнавме добри резултати во осигурително-техничкиот дел на деловното работење и управувањето со сопствените средства, додека приносите од портфолиото на финансиски инвестиции се очекува да бидат негативни со оглед на околностите. На крајот на првиот квартал проценуваме дека, имајќи ги предвид проектираните деловни услови, планираната годишна добивка ќе ја оствариме до крајот на годината.“

 

Осигурително-технички дел од работењето. Вкупните приходи на Групацијата Триглав, споредено со истиот период минатата година, се зголемени за 12%, на 442,9 милиони евра. Од нив, обемот на бруто полисираната премија од осигурување (407,1 милиони евра) е зголемен за 10%, останатите приходите од осигурување се зголемени за 22% (16,5 милиони евра), а останатите приходи на Групацијата за 81% (19,4 милиони евра).

 

Со претпазливо и дисциплинирано преземање ризици од осигурување, Групацијата ја зајакна премијата во трите сегменти на осигурување, 11% во осигурување на имот, 9% во животно и пензиско осигурување и 3% во здравствено осигурување. Раст на премијата е остварен на сите осигурителни пазари и изнесува 5% во Словенија, што е на ниво на пазарните трендови и 13% надвор од Словенија, на пазарите во регионот Адриа. Обемот на премиите на меѓународните пазари надвор од регионот, кој ги вклучува премиите за осигурување по принципот на слободен проток на услуги и премиите од реосигурување, е зголемен за 30% во однос на истиот период минатата година.

 

Зголемувањето на премиите влијаеше и на обемот на штети, кои што се зголемени за 15% и изнесуваат 196,7 милиони евра. На отштетните побарувања влијаеа и минатогодишните ограничувања поради пандемијата и повисоките цени на материјалите и услугите. Во првиот квартал речиси и немаше големи масовни отштетни побарувања. Комбинираниот коефициент кај имотното и здравственото осигурување достигна поволни 87,3%, што е резултат на подобрувањето на коефициентот на отштетни побарувања поради повисоките нето приходи од осигурителни премии и ефектот од управувањето со осигурително-техничките резерви.

 

Групацијата го зголемува обемот на своето работење на рентабилен начин. Бруто оперативните трошоци изнесуваат 83,8 милиони евра, а нивниот годишен пораст од 11% главно е резултат на повисоките аквизициски трошоци за осигурување, како и трошоците за материјали и енергија и амортизацијата поради инвестициите во информатичката технологија. Осигурително- техничките резерви на крајот на кварталот изнесуваат 3.219,5 милиони евра, што е за еден процент повеќе во однос на крајот на минатата година. Членот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Урош Иванц, објасни: „Резервациите се основата на нашето врамнотежено работење во осигурителната дејност, затоа сме традиционално конзервативни и претпазливи со нивното управување. Во првиот квартал од минатата година, поради неизвесностите поврзани со пандемијата, особено внимателно ги дизајниравме во доменот на имотното и здравственото осигурување, што оваа година, по враќањето на долгогодишната практика на резервации, имаше позитивно влијание врз деловните резултати во осигурително-технички дел од работењето. Во сегментот на животно и пензиското осигурување, поради зголемување на каматните стапки, во првиот квартал ослободивме дел од резервациите, наменети за покривање на инвестициските гаранции во иднина.“

 

Инвестициско портфолио и средства на клиентите под управување. Обемното портфолио на Групацијата Триглав од 3.514,6 милиони евра беше управувано во неповолни услови на финансиските пазари, со пад на вредноста на вложувањата во обврзници и капитал, а Групацијата го спроведе и најавеното обезвреднување на руските обврзници во своето портфолио (обезвреднување од 6,2 милиони евра). Во такви услови, повратот од вложувањата во првиот квартал е негативен и изнесува 15,9 милиони евра.

 

Во првиот квартал од годинава каматните стапки нагло пораснаа, што главно придонесе кон намалување на ревалоризационите резерви и со тоа на целата добивка. Иако повисоките каматни стапки имаат позитивно влијание врз работењето на Групацијата Триглав на долг рок, нивниот брз раст го намалува капиталот на краток рок и ги зголемува ризиците за постигнување гарантиран принос на пензиските осигурувања. Групацијата не го промени значително составот на своето инвестициско портфолио во првиот квартал и управуваше со него во согласност со својата релативно конзервативна инвестициска политика. Ова ги вклучува стратешките амбиции во областа на одржливоста, врз основа на кои Групацијата Триглав продолжи да инвестира во одржливи инвестиции со фиксен приход. Тие на крајот на кварталот изнесуваат 227,3 милиони евра или 9,5% од портфолиото на обврзници.

 

Во сегментот на управување со средствата на клиентите во заеднички фондови и преку индивидуално управување, приходите од надоместоци за управување се зголемени поради нето-приливите (дел од останатите приходи, како дел од вкупните приходи на Групацијата Триглав). Негативните движења на пазарите на капитал ја намалија вредноста на средствата на клиентите под управување за 3% во однос на крајот на 2021 година. Нивната вредност изнесува 1.487,4 милиони евра.

 

Финансиска положба. Со соодветно управување со капиталот и ризиците, Групацијата Триглав ја задржа својата капитална позиција на целните нивоа меѓу 200 и 250 проценти. Вкупната вредност на капиталот достигна 899,4 милиони евра, што е за 4% помалку од крајот на 2021 година. Ова главно се должи на намалувањето на ревалоризационите резерви, а поради зголемувањето на каматните стапки во овој период. Споредено со крајот на минатата година, пазарната капитализација на матичната компанија е зголемена за 10%, на 918,5 милиони евра.

 

Редовно годишно собрание на акционерите на матичната компанија на Групацијата Триглав. На собранието на акционерите на осигурителната компанија, кое што ќе се одржи на 24-ти мај, 2022 година, ќе се разгледа и предлогот за распределба на билансната добивка на осигурителната компанија за 2021 година. Претседателот на Управен одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, притоа изјави: „Управниот и Надзорниот одбор предлагаат бруто дивиденда од 3,70 евра по акција. Предложениот износ претставува 74 проценти од консолидираната нето добивка и вклучува дополнителен износ, кој што го овозможува износот на расположливиот капитал на Групацијата и произлегува од исклучителноста во одредени сегменти од работењето во изминатите две години“.

 

Групацијата Триглав на македонскиот пазар. Групацијата Триглав во првиот квартал од 2022 година работеше успешно на македонскиот осигурителен пазар, активно спроведувајќи ги планираните активности и проекти, согласно зацртаните цели. Групацијата во дадениот период оствари консолидирана бруто полисирана премија во доменот на животното и неживотното осигурување од 6,8 милиони евра, со што обезбеди раст од 37% во однос на истиот период минатата година.

 

Триглав Осигурување во првиот квартал од 2022 година обезбеди бруто полисирана премија од 5,44 милиони евра и раст од речиси 23%, споредено со истиот период минатата година, со што повторно ја потврди својата лидерска позиција на пазарот на неживотно осигурување, кој што пак во дадениот период забележа раст од 9,5%. „ Одличните перформанси на компанијата се резултат на високите стандарди, што ги применуваме во сите аспекти од нашето работење. Обезбедуваме квалитетни производи со соодветни покритија, комплементарни услуги и стратешки соработки со други компании, кои што даваат дополнителна вредност на нашата понуда, достапност на производите и услугите преку алтернативни продажни канали и позитивно искуство на клиентите со компанијата во текот на целиот клиентски циклус. Фокусот на клиентите јасно ги постави насоките за нашиот понатамошен развој - да бидеме доверлив провајдер на финансиски и поврзани услуги за нашите клиенти, и партнер, на кој можат да се потпрат во најважните моменти на потреба“, изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на компанијата, г. Ѓорѓе Војновиќ.

 

Триглав Осигурување Живот во првиот квартал од оваа година го задржа трендот на континуиран и динамичен раст и значително зголемување на премиите. Заклучно со март, 2022 година, Триглав Осигурување Живот забележа раст на премијата од 145% (1,4 милиони евра), со што го задржа приматот на најголем раст на пазарот на животно осигурување. Во првиот квартал, компанијата го удвои пазарниот удел на 16,9% на македонскиот пазар на животно осигурување и го зајакна своето присуство во областа на банкарското осигурување. „Исклучително сме задоволни од работењето во првиот квартал од оваа година и очекуваме дека трендот на позитивен раст и развој ќе остане стабилен во наредниот период. Преминот кон повисока пазарна позиција се постигнува преку органски раст на премијата. Банко каналот останува наш примарен фокус и во оваа насока работиме на имплементација на нови производи, кои што се целосно приспособени. Дополнително, главниот фокус останува на клиентите, обезбедувањето на висококвалитетни услуги и подобреното корисничко искуство“, изјави Вилма Учета Дузлевска, извршен директор на Триглав Осигурување Живот.

 

Триглав пензиско друштво го продолжи трендот на раст и во првиот квартал од годинава. Средствата под управување во фондовите се зголемени за 141% (32,3 милиони евра) во однос на истиот период минатата година, додека растот на бројот на членови на крајот на овој квартал изнесува 65,5%. „Овој раст, покрај тоа што е имплициран од зголемувањето на уплатените придонеси и одличните инвестициски резултати, последица е и на порастот на членството, како резултат на зголемувањето на искажаната доверба кај осигурениците. Компанијата, исто така, продолжува активно да работи на промоција и едукација на јавноста, градејќи стабилно портфолио за посигурна финансиска иднина на своите членови“, изјави во оваа прилика претседателот на Триглав пензиско друштво, г. Тихомир Петрески.

 

Complementary Content
${loading}