Интервју на Глaвниот извршен директор Ѓорѓе Војновиќ за The Economist - Светот во 2024-та
The Economist: Какви резултати постигнавте во 2023 година, што би издвоиле и што според вас најмногу влијаеше на осигурителната индустрија оваа година?
Ѓорѓе Војновиќ И покрај отежнатите услови за работа, Триглав Осигурување во трите квартали од 2023 година работеше успешно, и ја потврди лидерската позиција на компанијата на пазарот. Резултатите и оваа, како и минатата година беа под влијание на зголемен обем на работа, менаџирање на продолжениот инфлациски притисок, кој што влијаеше на побарувањата за исплата на штети и на трошоците, како и поинтензивните оштетни побарувања. Заклучно со третото тримесечје од годината, остваривме бруто полисирана премија од 18,73 милиони евра и повторно се позициониравме на врвот на пазарот на неживотно осигурување, со пазарен удел од 12,63%. Во дадениот период компанијата обезбеди раст во повеќе осигурителни класи, но за нас од особен значај се позитивните трендови во незадолжителните класи на осигурување, како осигурувањето од незгода, осигурување од општа одговорност, здравствено патничкото осигурување и доброволно приватно здравствено осигурување.
Важно ни е да понудиме новитети, кои ги поддржуваат современите светски трендови и да покажеме емпатија кон предизвиците со кои што како општество се соочуваме. Развојот го насочуваме кон понуди, кои што ги интегрираат стратешките насоки, особено одржливоста во работењето и грижата за животната средина. Стратешка амбиција на компанијата е да обезбеди извонредно клиентско искуство, а достапноста на услугите е секако еден од приоритетите. За таа цел, особен фокус имаме на дигитализација на услугите и процесите, како и на развој на банко каналот и на соработката со останати финансиски институции.
Развиваме иновативни решенија, како каско green, кое што нуди големи поволности за осигурување на хибридни и електрични возила, со што го наградуваме користењето на овој вид возила, сѐ со цел да придонесеме кон намалување на CO2 емисиите во воздухот. Градиме екосистеми на поврзани, услужно-ориентирани решенија и асистенции и, покрај традиционалните осигурителни производи, располагаме со комплетна понуда во делот на employees benefits програмата, која што е веќе добро позната на нашите клиенти. Оваа година воведовме новини во осигурувањето на дом, кои што нудат флексибилност во изборот на покритија, а вклучивме и поволности, кои што ја поттикнуваат енергетска ефикасност и на тој начин ја поддржуваат заштитата на животната средина.
Креираме и проекти, кои што сметаме дека се приоритет во денешно време и кои што мотивираат и иницираат позитивни промени. Токму затоа, на крајот на јуни, оваа година, во соработка со Challenger, ја воведовме Триглав Зелена Лига, проект на лојалност за нашите корпоративни клиенти на доброволно здравствено осигурување и за нашите вработени. Триглав Зелена Лига е заеднички годишен предизвик за заштеда на 365 тони емисии на CO2, што го вклучува одржливиот развој во својот концепт и ја наградува грижата за нашето здравје и за животната средина.
The Economist: Со кои предизвици се соочивте измината година и кои се вашите очекувања за компанијата и за осигурителната индустрија во 2024 година?
Ѓорѓе Војновиќ Економијата во 2023 година беше соочена со предизвици, како резултат на геополитичките и економските случувања, коишто сериозно влијаат на сите сегменти од деловниот, социјалниот и општествениот живот во светски размери.
Осигурителната индустрија на македонскиот пазар е најмалку развиениот сегмент од финансискиот систем во земјава. Во структурата на финансискиот систем таа има удел од 3,5%, а густината на осигурување во 2022 година изнесуваше 113 евра осигурителна премија по жител, што е далеку под просекот на ЕУ (2000 евра), но во рамки на просекот на земјите од Западен Балкан. Нивото на осигурителна пенетрација укажува дека вкупната бруто полисирана премија во 2022 година изнесувала само 1,6% од бруто домашниот производ во земјава. Пазарот на неживотно осигурување покажува раст, но како индустрија сме сеуште далеку од реализирање на потенцијалот, кој што постои во секторот.
Се надеваме дека монетарната и фискалната политика ќе се движат во насока, која што ќе придонесе кон намалување на инфлацијата, која што, иако покажува тренд на успорување, споредено со минатата година, сериозно го нарушува стандардот и начинот на живот на граѓаните, а секако има реперкусии и врз резултатите и начинот на работа на деловната заедница во земјава.
На 2024-та година гледаме со внимателен оптимизам и искрено се надеваме дека оваа година осигурителната индустрија и воопшто економијата ќе функционираат во попогодни услови, кои што ќе влијаат на пазарниот потенцијал и со тоа на перформансите на индустријата.
Во Триглав Осигурување и оваа година ќе продолжиме посветено да работиме на исполнување на стратешките цели, да го зголемиме обемот на работа, да бидеме успешни во основната дејност и уште повеќе да ја зајакнеме нашата позиција на пазарот. Во преден план го поставуваме исклучителното корисничко искуство, а како компанија, ќе продолжиме да го фокусираме нашето внимание на грижата за развој на побалансирано друштво, насочено кон градење на посигурна и поодржлива иднина. Се надеваме дека ќе бележиме уште подобри резултати во незадолжителните класи на осигурување, чиј развој е особено важен и за осигурителната индустрија, но и за граѓаните. Веруваме дека дигитализацијата на услугите, градењето на екосистеми на поврзани услуги и поголемата флексибилност и достапност на услугите се фактори, кои што во голема мера ќе придонесат кон подобри резултати.
The Economist: Кои се трендовите во осигурителната индустрија на македонскиот пазар, каков е интересот на граѓаните и на корпоративниот сектор за осигурувањето?
Ѓорѓе Војновиќ: Во резидентниот сегмент сеуште доминираат задолжителните класи на осигурување. Но, во корпоративниот сегмент можат да се забележат позначајни позитивни поместувања. Зголемувањето на странските инвестиции во државата придонесе компаниите сѐ повеќе да ја препознаваат потребата од осигурување и да го третираат осигурувањето како инвестиција во својата сигурност и непречен развој. Кај домашните компании фокусот е сеуште повеќе насочен кон потрадиционални продукти за осигурувања на движен и недвижен имот, како пожарно и осигурување на возила, но, со развој на ИТ секторот во државата, побарувачката на осигурителни продукти наменети за вработените се зголемува. Токму затоа, овие класи на осигурување бележат двоцифрен пораст изминатите неколку години. Очекуваме овој тренд да продолжи и следните години, а временските неприлики (климатските промени), развојот на технологијата, како и вештачката интелигенција веруваме дека ќе придонесат за развој на нови осигурителни производи, кои што ќе го следат развојот на корпоративниот сектор.
Во изминатиот период сѐ поизразен е трендот во корпоративниот сектор, покрај стандардните продукти за осигурувањето на имотот сѐ повеќе да се склучуваат договори од employees benefits програмата, како што се приватното здравствено осигурување, осигурувањето од незгода, животното и пензиското осигурување. Присуството на интернационални компании во земјата придонесе и за подигнување на свеста кај домашните компании за продукти како осигурување на побарувања, осигурување од одговорности во работењето, како и осигурување од сајбер напади. Последната година, со зајакнување на енергетската криза во Европа, забележлив е исто така и порастот на побарување на полиси за осигурување на фотоволтаични електрани.
The Economist: Што го издвојува Триглав Осигурување на македонскиот осигурителен пазар?
Ѓорѓе Војновиќ: Мисијата на Триглав Осигурување е да градиме побезбедна иднина за сите. Нашите клиенти, вработени, партнери и инвеститори се во фокусот на сите наши активности. Нашите основни вредности, агилност, едноставност и доверливост нѐ водат во нашата потрага по извонредност.
Визијата, да поставиме стандард за извонредно корисничко искуство, во секое време и секаде, и највисокиот индекс на корпоративен углед во индустријата, нè позиционираат како прв избор на клиентите. Користиме дигитални решенија за да понудиме поедноставен пристап до нашите услуги, поддржувајќи ги потребите и барањата на клиентите и на пазарот.
Одржливоста е вткаена во структурата на нашето корпоративно управување, на тој начин ги инкорпорираме еколошките, социјалните и управувачките фактори во нашите деловни практики. Посветени сме на носење одговорни одлуки, кои што се важни и имаат влијание врз сите засегнати страни, но и врз животната средина и општеството како целина.
Во сè што правиме, градиме бренд, фокусиран на клиентите, кој ги става нивните потреби на прво место. Истовремено, создаваме бренд на работодавач кој е насочен кон вработените, поттикнувајќи култура на работното место каде што нашите вработени се чувствуваат ценети, мотивирани и згрижени. Во Триглав Осигурување, искрено се грижиме за нашите клиенти, нашите вработени и заедницата на која што ѝ служиме.
На крај, одржувањето на лидерска позиција на толку динамичен и компетитивен пазар е вистински предизвик и континуирана борба, но ние сметаме дека таа, пред сѐ, е обврска и должност, да го развиваме и движиме овој сегмент напред.