КАКО ВО ПЛАНИНА СО НАЈМЛАДИТЕ?

Планинарењето со деца може да биде забавно, доколку го направите тоа на правилен начин

Планинарењето со деца може да биде забавно, доколку го направите тоа на правилен начин

Ова на прв поглед се чини „невозможна мисија“, но од моето лично искуство можам да ви кажам дека може да биде исто толку забавно.

Нашиот колега Милан Гобец, член на Планинарското здружение Триглав, пишува за тоа како да се доближи планинарството до децата. Пред да ја започнете авантурата, морате да направите внимателен избор на планината којашто сакате да ја посетите, патеката по којашто ќе се движите, да се подготват пијалаци и храна и да се подготват одговори на прашања, коишто можат да ви ги постават вашиот партнер и децата за време на патувањето.

Што ако...

Што треба да се земе во предвид, пред да тргнете на планинарење со најмалите, а мисијата да не заврши со мислата „никогаш повеќе“? Пред сѐ, од глава треба да ги тргнете мислите „што доколку се извалка, натопи, изгребе, настине, што ако го касне комарец и слично...“ Сето ова секако може да се случи, но доколку мислите само на тоа, можете да го очекувате најстрашното и под креветот на вашето дете. За нас, кои знаеме дека е корисно децата да го поминат школото со гребаници, валкани од глава до пети, каснати од комарец или два, тоа можеме да го земеме  како потполно нормален пат за запознавање на природата во сета своја убавина.

Сто чекори сам, сто чекори во ранецот 

Најдобар и најефикасен начин, децата да ги научите да одат на планина е личниот пример. Тоа значи дека детето го водиме на планина веднаш штом ќе прооди. Ќе се изненадите колку децата, веќе на две години, се способни да направат прошетка на најблиската планина, која може да трае половина час. Логично е со вас да го понесете и ранецот за носење на деца, во којшто ќе го сместите детето кога ќе се умори, како крал на престол.

Ваквата прошетка е корисна и за татковците и за мајките, бидејќи им овозможува силно јакнење на грбната мускулатура. Кога ќе го ставите детето во ранецот ви советувам, од најблиската грмушка да скинете гранка, со која ќе ги отстранувате препреките на патот. Ќе видите, тоа е баш забавно! Но, децата за кратко забележуваат, дека е позабавно да „ јаваат на камила“ отколку да одат пешки. Што да направите во тој случај? Според моите искуства ви го предлагам следниот аргумент: „Добро, ќе те носам сто чекори, за да се одмориш, потоа ќе одиш сто чекори сам, а потоа повторно ќе те носам сто чекори“. „Се договоривме?“

Во секој од нас има нешто детско

Многу е важно тежината на искачувањето да биде прилагодена на сите. Кај најмладите тоа значи дека целта не е врвот, туку патот. Притоа, треба да се претворите во дете – да скокате по пеперутките, да фрлате камења во вода, да барате дали во некоја дупка се сокрива ̍еж или јазовец, да се качувате по дрва, да си играте криенка зад дрвата, да се најде скриеното богатство во облик на чоколатца, кои ги оставаат добрите вили за оние кои ќе стигнат до врвот, да се валкате по тревата, со прачка да бркате бубаче од дупката и слично. Патот ќе биде уште позабавен, доколку во планинарењето се здружите со пријатели со деца на приближна возраст.

 

Анимирањето при одењето на планина за децата е од суштинско значење и кога еднаш ќе го направите тоа, на добар пат сте сите со задоволство да го завршат искачувањето. Секако, внимавајте на сите останати работи, коишто претходно мора да се направат: да се провери временска прогноза, да се обезбеди закуска, капа, шишенце со минерална, не газирана вода. Да, добро прочитавте обична вода, не газирана, не засладена, изотонична и слично. И да се договорите: „оваа вода е сѐ што имаш до врвот„. Закуска? Да. Но, закуската да биде вистинска, без шеќери во илјада форми и бои.

Што носите во ранецот? 

Уште една важна работа: децата да ги научиме сами да го носат својот ранец. Кога се помали, мал ранец, во којшто, покрај вода и закуска, може да ја сместат и својата омилена играчка. Кога малку ќе пораснат, во ранецот можат да ја понесат и својата ветровка со качулка. И ве советувам, пред да тргнете на пат, прашајте ги: „Мислиш ли дека си доволно голем/а, сам/а да го носиш својот ранец?“ Доколку не одговорат потврдно, логично е да се истакне: „ти си веќе голем/а и силен/на, за да можеш сам/а да го носиш својот ранец“.

 

На крајот од авантурата, проверете дали некој си понел непоканет гостин – крлеж. Го има ли? Само без паника. Нежно фатете го со пинцета и завртете обратно од насоката на движењето на сказалките од часовникот. Обично попуштаат. Тоа, што некој ќе донесе дома крлеж е сосема вообичаено. Јас кај моите две деца секоја година отстранувам отприлика два до три во сезона. Без последици. Но сепак имајте на ум, среќата е на страна на храбрите.
 

Среќен пат!

 

Текстот е преземен:

https://vsebovredu.triglav.si/zdravje/kako-z-najmlajsimi-v-hribe?


Complementary Content
${loading}