Групација Триглав во партнерство на италијанскиот пазар за осигурување на моторни возила

Во согласност со својата стратегија, Групација Триглав го зајакнува своето меѓународно присуство

Групација Триглав, во соработка со добро етаблираните партнери Prima Assicurazioni и Ageas Re, влегува на италијанскиот пазар за осигурување на моторни возила. Овој чекор е во согласност со стратешката цел на Триглав за диверзификација на своето работење на меѓународно ниво, и во однос на деловниот обем и на профитабилноста. Според првичните проценки, се очекува новиот бизнис значително да придонесе кон зголемување на планираниот вкупен деловен обем на Триглав уште во текот на 2025-та година, додека неговото влијание врз добивката на Групацијата ќе стане материјално значајно во следните години.

Групација Триглав ќе соработува со италијанската осигурителна агенција Prima Assicurazioni и со Ageas Re, реосигурителот на една од најголемите европски осигурителни групации, белгиската Ageas Group. Prima е брзорастечка инсуртек компанија, која што работи веќе десет години, опслужува повеќе од четири милиони клиенти и е пазарен лидер во директната продажба на осигурување за моторни возила во Италија.

Влегувањето на италијанскиот пазар за осигурување на моторни возила, во голема мера ќе придонесе кон реализација на стратегијата на Групација Триглав до 2030-та година, овозможувајќи значителна меѓународна диверзификација на профитабилноста и деловниот обем. На среден рок, Триглав очекува новиот бизнис да донесе солидна профитабилност од осигурување, поддржана со дополнителен принос на инвестицијата од зголемување на осигурителното портфолио.

Групација Триглав проценува дека во 2026-та година, преку соработката со Prima, ќе оствари деловен обем од околу 400 милиони евра, што ќе претставува до 20% од осигурителното портфолио на Prima во Италија. Во 2025-та година, овој удел привремено ќе биде повисок, поддржан од договор за квотно реосигурување од 80% со Ageas Re. Се очекува новиот бизнис да го зголеми вкупниот деловен обем на Триглав во 2025-та година за приближно една третина над првичната цел од над 1,8 милијарди евра.

Андреј Слапар, Главен извршен директор на Триглав, изјави: „Нашата стратешка амбиција е да растеме надвор од постојните пазари и да ја зајакнеме меѓународната препознатливост на Групација Триглав. Италијанскиот пазар за осигурување на моторни возила претставува одлична можност за поддршка на оваа цел, и ни претставува задоволство што соработуваме со веќе етаблирани партнери како Prima и Ageas Group. Групација Триглав ќе продолжи да ги истражува можностите за понатамошен раст и исполнување на останатите цели, поставени во нашата стратегија.“

Ханс Де Кајпер, Главен извршен директор на Ageas, изјави: „Договорот со Групација Триглав, е во согласност со многу аспекти со нашата стратегија, Elevate27. Оваа соработка ни овозможува да влеземе на еден перспективен европски пазар за неживотно осигурување и да оствариме профитабилен раст преку партнер со силна пазарна позиција.“

Јоаким Рац, Главен извршен директор на Ageas Re, додаде: „Ми претставува задоволство да ја објавам оваа соработка. Со нетрпение очекуваме да изградиме успешно партнерство и да понудиме квалитетни осигурителни производи на италијанските клиенти, дистрибуирани преку Prima. Исто така, сакаме да ѝ се заблагодариме на Howden Re за одличното управување со процесот и самата трансакција.“


Complementary Content
${loading}